Вонредното Собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) е закажано за 11 февруари (недела), реши Управниот одбор (УО) на федерацијата.

УО на МКФ на денешната седница ја разгледа иницијативата поднесена на 10 јануари 2018 година, а потпишана од страна на вкупно 20 членки на Собранието, за свикување на вонредна седница. Согласно статутот на федерацијата претседателот Петар Наумоски свикува вонредно собрание кое е закажано за 11 февруари (недела) 2018 година.

На дневниот ред на седницата ќе бидат поставени и точките од редовното годишно собрание кое се одржа на 25 декември 2017 година, но, беше прекинато. Како дополнителна точка на дневниот ред ќе биде поставена точка за гласање на доверба во Претседателот.

Доколку се изгласа недоверба, по кратка пауза кандидатите за позицијата Претседател ќе треба да ги достават своите кандидатури и програми за работа, а кандидатската комисија да ги верификува.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2018 21:51