Пред претставници на околу 100 домашни компании со значителен обем на надворешнотрговска размена е презентиран новиот канал на прекугранични плаќања во евра, што функционира во Народната банка на Република Македонија од почетокот на минатата година.

Компаниите, информира денеска НБРМ, се запознале со придобивките од новината односно како можат да извршат поевтини, брзи и сигурни плаќања во евра. За пошироко промовирање и користење на овој нов платежен канал, банката изработи флаер со детални информации за начинот на кој компаниите и физичките лица можат да ги извршуваат плаќањата во евра.

Новиот канал за прекугранични плаќања во евра, функционира преку остварената врска на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) со платниот систем ТАРГЕТ 2 на Евросистемот.

Од централната банка на Македонија потенцираат дека реализацијата на овој капитален проект претставува втора генерација реформи во делот на платните системи, како дел од остварување на препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, согласно ИПА-проектот „Оцена на потребите на НБРМ“, спроведен од претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите-членки на Европската Унија. Крајната цел е да се намалат трошоците за извршување на прекуграничните плаќања во евра, како и времето на извршување на трансакциите.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2018 14:47