Со усвојувањето на Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2018 година продолжува исплатата на субвенциите за земјоделците.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска соопшти дека со програмата се предвидени 6.210.500.000 денари. Субвенциите се исплаќаат за две буџетски години, за 2017 и до 30 јуни годинава кога е законскиот рок.

– Во Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделството, се имплементирани мерките за поддршка на доходот на земјоделските стопанства, односно мерките за директни плаќања за растително и сточарско производство, како и мерките за дополнителна поддршка, како што се помош во премии и осигурвање, заштита на земјоделско земјиште, помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани кои се случиле во 2016 година и во 2017 година, дополнителна помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани кои се случиле во 2016 и во 2017 година, финансиска поддршка за складирање на пченица од домашно производство од род 2018 година и друго, се наведува во соопштението.

На вчерашната владина седница е одобрена и Програмата за рурален развој за која се обезбедени 2.132.000.000 денари. Усвоени се и програмите за фитосанитарна политика, за развој и унапредување на ловството и за одгледување и заштита на дивечот под заштита во репроцентрите, како и Програмата за проширена репродукција на шумите за годинава.

Усвоена е и Методологијата за процена на пазарната вредност на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерии и објекти кои се во функција на земјоделското производство, како и информациите за објавување јавни огласи за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до и над три хектари. Со огласот за над три хектари се дава во закуп земјоделско земјиште во сопственост на државата во Виница, Гевгелија, Струга, Кавадарци, Кратово, Кочани, Неготино, а до 3 хектари во Неготино, Берово, Пробиштип, Кисела Вода, Кичево и Прилеп.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2018 16:08