Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамки на 48-от годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, учествуваше како дискутант на неформалниот собир на светски економски лидери на тема: „Идентитет, интеграција и миграција.”
Во дискусијата посветена на современите предизвици поврзани со миграциските текови учествувале и повеќе шефови на влади, министри и високи претставници на меѓународни организации.
„Искуството со мигрантската/бегалската криза и со економската емиграција од самите земји во Западен Балкан нѝ покажа дека евроинтеграцијата на регионот претставува безбедносен императив и за самата ЕУ, а економскиот прогрес на земјите од регионот наша заедничка обврска.”, посочил Димитров, цитиран од МНР.
На маргините од Форумот, Димитров остварил и неколку билатерални средби и тоа со: МНРС на Шпанија Алфонсо Дастис, МНР на Албанија Дитмир Бушати, министерот за европски прашања на Црна Гора, Александар Пејовиќ, МНР на Швајцарија Ињацио Касис, како и со европратеничката Мариетче Схааке.
На средба со својот шпански колега, министерот го информирал соговорникот за тековните чекори кои Владата на Република Македонија ги презема на домашен и надворешен план во насока на реализација на европските и евро-атлантските аспирации и воедно побарал поддршка од шпанска страна на тој пат.
При средбите со колегите Бушати и Пејовиќ биле разменети последните информации околу нацрт Стратегијата на ЕУ за проширување на Западен Балкан чија објава е најавена за 6 февруари 2018.
За време на средбата со МНР на Швајцарија, министрите разговарале за билатералната соработка меѓу двете земји и поддршката од швајцарска страна во насока на натамошен развој на македонската демократија и економски развој.
Со европратеничката Схааке, Димитров разговарал за македонското ЕУ портфолио и начините за негова успешна реализација.
Министерот се очекува да се сретне и со Мајкл Абрамовиц, претседател на „Freedom House“, а во насока на негово запознавање со актуелните случувања во државава и реформските процеси и заложби за натамошен демократски развој на земјата.