Во октомври, минатата година, грчката авиокомпанија Aegean airlines на прес-конференција соопшти дека во 2018 ќе се воведе директен лет Скопје-Атина, а македонскиот главен град беше една од новите 11 дестинации.

Сепак, според информациите на МИА од Атина, главната пречка за да започне авиосообраќајот Скопје кон Атина и обратно, беше името на скопскиот аеродром.

Со вчерашната изјава на македонскиот премиер дека ќе има преименувања, се поставува прашањето дали можеби сега се отвора патот кон воведувањето на линијата по пауза од 15 години. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос, во однос на конкретното прашање вели дека мерките за градење доверба за кои што се веќе одржани шест круга, разгледуваат многу прашања, меѓу кои и железничко и авио поврзување.

- Разговорите се во тек, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе го соопштиме, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, задолжен за европски прашања и економска дипломатија, одговарајќи на прашањето, на средбата со новинарите и странските дописници, околу авионската линија што ќе ги поврзе македонската и грчката престолнина.

Пред три месеци, во октомври минатата година, потпретседателот на Aegean airlines, на прес-конференција во Атина, рече дека за летот од и кон Скопје, побарале инструкции од Министерството за надворешни работи на што посебно треба да внимаваат „бидејќи односите имаат одредена посебност во врска со името на државата“.

- Нашиот впечаток е дека е во интерес на Грција да има што повеќе поврзувања со сите земји, па дури и со оние земји со кои има проблематична историја што се однесува на односите, затоа што економско подобрување на односите на двете земји, секогаш помага. Мислам дека и Министерството за надворешни работи се согласува со оваа тенденција и затоа на почетокот реагираше позитивно на нашето расположени да летаме и таму, рече Ефтихиос Василакис, потпретседателот на Еџиан ерлајнс, во октомври минатата година.

Во 2003 година, постоеше директно авионско поврзување меѓу Скопје и Атина, со редовна линија, пет пати седмично, нешто што беше прекинато, а бизнис заедниците од Македонија и Грција минатата година бараа одново да се воведе летот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2018 22:33