Коалицијата предводена од СДСМ иницираше измени на Законот за минерални суровини со кои ќе се обезбеди заштита на населението и на животната средина, особено во регионите каде што има рудници.

За овој Предлог-закон треба да се расправа на седницата закажана за во понеделник и очекуваме поддршка од сите пратенички групи.

За нас здравјето на граѓаните е врвен приоритет.

Со измените, овозможуваме долгорочна заштита на животната средина и спречуваме секаква можност на загрозување на здравјето на луѓето што живеат во близина на рудници, особено ако работат со технологии што користат супстанци штетни за околината и здравјето.

Целосно се забранува примена на цијаниди, сулфурна киселина и други опасни супстанци при преработката на минералните суровини, овие хемикалии се опасни по живот.

Дополнително, сметаме дека е неопходна длабока и темелна анализа од надлежните институции, како и од локалната самоуправа пред да одговорат на барањата за концесија. Од тие причини законскиот рок за одговор на институциите од досегашните 15 дена го продолжуваме на 60 дена.

На тој начин, ќе спречиме брзи и недоволно анализирани одлуки на надлежните институции, но и ќе овозможиме транспарентност во постапката со што јавноста ќе има доволен временски период да го искаже своето мислење во однос на барањата на евентуалните концесионери.

Почитувани, со овие законски измени ќе се спречат ситуации како што се случаите со концесиите за површински копови за рудници за бакар и злато – Казандол во Валандово и Иловица во Босилово, кои во своите процеси користат сулфурна киселина, односно цијаниден раствор.

Токму нетранспарентниот процес на одлучување за концесии за овие рудници, предизвикаа силни и остри реакции и критики од страна на граѓаните особено од југоисточниот регион кој ја препознаа опасноста од штетните политики од претходната влада.

Ги повикуваме сите пратенички групи безрезервно да ги поддржат овие законски решенија, нема играње и компромиси со здравјето на граѓаните.

Како парламентарно мнозинство остануваме доследни во спроведувањето на мерките што обезбедуваат чиста животна средина и здрав живот за сите во Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2018 18:08