Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека границата за станување ДДВ обврзник на физички лица кој во моментов е позиционирана на еден милион денари треба да биде повисока. Рече дека не е вклучен во процесот на анализирање дали оваа граница ќе се зголеми на два милиони денари, што беше и едно од предизборните ветувања на СДСМ. Ова прашање се актуелизираше пред две недели кога УЈП ги повика физичките лица кои оствариле промет над еден милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници. Од таму сè уште нема информација дали ќе се казнуваат оние кои не ја испочитувале оваа законска обврска.
„Не се случува ништо различно од она што се случувало претходно. Јас лично сум ДДВ обврзник веќе три години и плаќам ДДВ, но тоа не значи дека не треба да се размислува во насока да се подобри тој механизам и да не се оштетуваат пониските категории плаќачи. Затоа мислам дека би требало да се зголеми, но тоа сепак е во ингеренции на Министерството за финансии и јас лично во тој процес немам учество.” – изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.