Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев очекува комбинатот ФЕНИ да почне со работа од 1 февруари. Една компанија има уплатено депозит и во моментот се преговара како комбинатот да стартува.
– Практично проблемот ќе се решава во два чекора. Првиот чекор ќе биде закупот на опремата за да се обезбеди опремата да работи, вработените да одат на работа и да се остварува приход. За тоа имаше транспарентен оглас што беше објавен и во домашни и во интернационални медиуми како „Фајненшл тајмс“. Имаше транспарентни критериуми што можеа сите да ги исполнат. Тој оглас го распишува стечајниот управител, а Владата во целиот процес има само ингеренции да ја следи ситуацијата, да се грижи за државните претпријатија кои имаат побарувања, притоа да ги охрабрува сите инвеститори да дојдат во РМ со своите програми, изјави Анѓушев одговорајќи на новинарски прашања на Машинскиот факултет.
Според Анѓушев, секој доверител ќе може да понуди план за реорганизација и да се избере најдобриот.
– Она што е најважно, јас гледам на повидок решение на тој проблем и гледам на повидок иднина за ФЕНИ како фабрика за која наназад две години некој интензивно работел да стане старо железо, изјави вицепремиерот.
Прашан за новиот закон за енергетика, Анѓушев најави дека ќе ги заостри условите за тоа кој може се да биде увозник и дистрибутер на горива во РМ и ќе ги изедначи со она што значи стандард во ЕУ, со цел да се избегнат злоупотребите при увозот.
– Сведоци сме на големи злоупотреби околу избегнувањето на плаќањето на давачките кон државата при увезувањето на екстра лесното гориво и неговото претставување како екстра лесно гориво, а притоа завршува на бензинските пумпи и се продава како дизел гориво. Тоа мораме да го сузбиеме. Практично државата губи значителни средства од таа причина, истакна Анѓушев, додавајќи оти таквата пракса мора да запре.