Владата на Република Македонија ги разгледува можностите за развој и за апликација на блокчејн технологија, како и за потенцијалите кои стојат пред информатичката компанија Мајкрософт да учестува со проекти во образованието во средното и универзитетското образование.

Ова денеска било истакнато на средбата на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев со извршниот потпретседател на Мајкрософт Глобални продажби, маркетинг и операции, Жан-Филип Куртуа, на Светскиот економски форум во Давос.

Како што соопштија од прес-службата на Владата, двајцата соговорници на средбата размениле мислења за потенцијалите за соработка меѓу Мајкрософт и Владата на Република Македонија во делот на информатичката технологија, во делот на услугите од информатичката технологија, како и во делот на платформите за размена на знаења и искуства.

Заев го информирал Куртуа за степенот на развој и примена на информатичката технологија и го запознал со програмата на Владата за долгорочна и суштинска апликација на новите информатички технологии во администрацијата, образованието и во сите други области. Премиерот информирал и за подготовките за организација на првиот самит за ИТ (дигитална економија) што ќе се одржи во Република Македонија како прв од ваков тип во регионот, и како дел од Берлинскиот процес.

Куртоа од премиерот Заев бил информиран за намерата на Владата да го намали данокот за ИТ компаниите, како и за можностите за дополнително зголемување на државната помош за компаниите од информатичката технологија.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2018 23:21