Околу 32 илјади амандмани се поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во саботата и архивирани во Собранието за понеделничката седница за Законот за употреба на јазиците, што е рекорден број амандмани поднесени во парламентот за кој и да е закон, а досега најголем број амандмани имаше ДУИ за законот за бранители во 2012 година, и тоа 15.000 со што го блокираше Собранието.

ВМРО–ДПМНE се реши на ваков чекор откако шефот на државата Ѓорге Иванов стави вето на Законот за употреба на јазиците, со што го врати во Собранието на трето читање, па се отвори можност за нова дебата по законот кој опозоциската партија го смета за противуставен и со кој се воведува двојзаичност на целата територија на државата.

Голем дел од амандманите се суштински, практично нема член кој не е оспорен или од кој не се бара целосно бришење на одредбата, но има и такви со кои се бара измена на само една буква.

Опозициската партија сѐ уште стои на ставот дека овој закон треба да се повлече и да се формира работна група од партии и експерти.

Од СДСМ реагираа дека со ваквото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ е против европските врендости,а дека законот е уставен.

„Најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието само за да блокира еден закон, е уште еден доказ дека опозициската партија продолжува да работи спротивно на интересите на граѓаните и државата и дека нејзина единствена цел е да создаде нова политичка блокада со која ќе го закочи реформскиот процес“, пишува меѓудругото во реакцијата на СДСМ.

Сепак, од владејачката партија велат дека по неколкудневна расправа во парламентот сепак е можно власта да седне со ВМРО-ДПМНЕ во преговори за законот.

Инаку Собранието во понеделник првпат ќе ја примени практиката да гласа за амандмани изготвени врз основа на забелешки од шеф на држава. Поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Нема ограничување на траењето на седницата, но предлагачот ќе има само три минути да ги образложи амандманите. Координаторите на пратеничките групи ќе можат да побараат и право на процедурална забелешка од три минути како и паузи. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека во понеделник ќе настапува со 10 пратенички групи.

Инаку, Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ претходно во саботата на прес-конференција истакна дека поднесените амандмани се поднесени за два члена од Законот, кои, како што рече, се во директна спротивност со Уставот.

Граѓаните, експертите и сите општествени чинители многупати предупредија дека законот за двојазичност кој СДСМ сака насила да го протурка е неуставен и штетен за државата. Неуставноста на законот ја потврди и претседателот на државата. Апелираме до СДСМ да го повлече овој неуставен закон. Да се вразумат и да не ја испуштаат можноста овој закон да биде интегративен елемент, а не нешто што дополнително ќе не одалечува, истакна Ѓорѓиевски прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

„Законот за двојазичност кој СДСМ насилно го турка е во целосна спротивност со Уставот на државата и Рамковниот договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани во Собранието, со цел усогласување на законот со Уставот на државата, рече Ѓорѓиевски.

Во продолжение образложи два члена од овој закон, коишто, како што истакна, се во директна спротивност со Уставот, а за кои ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани“.

„Првенствено Членот 6 од законот вели дека институциите како што се: Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство, Уставен суд на Република Македонија, Народен правобранител на Република Македонија, институциите во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и институции други области се обврзани по службена должност да обезбедат употребата, комуникацијата, но и постапките да се одвиваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо доколку лицето, односно учесникот зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Овој член е во спротивност со ставовите 2,4 и 5 на Амандман 5 од Уставот на Република Македонија. Таму е дадена можност кој било граѓанин што живее во општина во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот во комуникацијата да го употребат својот јазик. Институциите им одговараат на македонски и на јазикот кој го употребува граѓанинот. Наместо тоа во предлогот на СДСМ чл.6 предвидува институциите да обезбедат задолжителна употреба само на еден јазик, во случајов албанскиот. Со тоа директно се дискриминираат помалите заедници во Република Македонија.

Членот 22 од законот за двојазичност кој пропишува глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на органите кои нема да ги почитуваат одредбите од овој закон. Додека глоба во висина од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече и на службеното лице. Овој член не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија“, цитираше Ѓорѓиевски.

ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше Ѓорѓиевски, е за унапредување на правата на заедниците, но тоа мора да биде исклучиво во согласност со Уставот и законите на Република Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ бара и инсистира во Законот за употреба на јазици да се прошири употребата на помалите етнички заедници во Република Македонија, односно Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите и останатите. Интегрирано општество, просперитетно со еднакви можности за сите ќе имаме само ако го следиме Уставот и законите и ако се почитуваме еден со друг. ВМРО-ДПМНЕ се залага и се бори за тие вредности“, рече Ѓорѓиевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/01/2018 23:07