„Македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија, по дваесет и седум години независна и самостојна Македонија, се соочуваат со национален проблем од историски димензии, со многу непознати и со огромна одговорност за иднината на државата.

За разрешување на стогодишниот проблем наметнат од Грција, сврзан за името на нашата држава Република Македонија, за прв пат граѓаните имаат можност директно да се соочат и да се вклучат во неговото разрешување.

Демократскиот сојуз ја подржува определбата на Владата, во процесот на градење стратегија за разрешување на овој спор да ги вклучи сите релевантни партии, државно политичкиот врв, како и експерти по меѓународно право, историчари, лингвисти, правници, политиколози и други.

Само со целосна транспарентност и објективно информирање е можна поддршка од граѓаните во градењето на решенија и носење на конечна одлука, без разлика дали граѓаните ќе се изјаснат пред или по постигнување на договор со кој ќе се деблокираат евроатланските процеси.

Одговорност за иднината на државата имаат сите, но тежината ќе падне на партиите од власта, кои имаат обврска да обезбедат поширок и политички и граѓански консензус.

Време е за државничко однесување, лидерство и визија за наредните педесет години.

Грешка не смееме да направиме ниту спрема генерациите пред нас ниту за тие што доаѓаат.

Не смее да има дилеми дека се работи за автентично Македонско прашање, кое пред 115 години го дефинирал големиот деец Крсте Петков Мисирков и дека за него одлучуваат пред се’ Македонците. Се разбира во целиот процес треба да бидат вклучени и останатите делови од народи кои живеат во Македонија, како придобивка на демократските и цивилизациските вредности“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/01/2018 19:59