Информативен и конструктивен состанокот на државно-политичкиот врв за предлозите на медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц за решавање на спорот за името беше оценката на сите учесници вечерва на средбата во Клубот на пратеници, која траеше повеќе од пет часа.
Никој од учесниците не сакаше да изнесе детали за предлогот на Нимиц, за тоа дали е прифатлив и дали постои усогласенот меѓу политичките субјекти. Најавија уште вакви средби за координирање на ставовите за решавање на спорот со името.
Премерот Зоран Заев по средбата изјави дека е оптимист и дека може да дојде до национален консензус.
- Вечерва беа презентирани и диксутирани предложените идеи од медијаторот Нимиц, по што разменивме информации и мислења и за разговорите меѓу мене и премиерот Ципрас. Овој процес бара инклузивност посветеност и политичка одговорност со цел градење национален консензус. Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ, рече Заев.
Потенцираше дека за остварување на овие цели неопходна е вклученост на Владата, опозицијата, претседателот на државата, како и навремено и објективно информирање на граѓаните на Македонија.
- За тоа е потребна политичка волја и храброст од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја постои и на грчката страна. Интеграцијата заедно со реформите и економските мерки се клучни за подобар живот на сите граѓани во РМ, додаде премиерот.
Состанокот се одржа на иницијатива на Министерството за надворешни работи.
На него присуствуваа Заев, министерот за надвортешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Присутни беа и претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ДУИ Али Ахмети кој беше во придружба на Хазби Лика и Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанокот беше во придружба на Александар Николовски и Владо Мисајловски.
Претседателот Иванов нагласи оти на состанокот биле Заев и Димитров информирале за содржината на разговорите, кои ги имале со нивните грчки колеги, но и за идеите на Нимиц кои се изложени во пресрет на неговото доаѓање во Скопје.
- Очекувам во иднина Владата да не информира и да бидеме координирани за сите активности, рече Иванов и напомена оти Владата е одговорна и навремено да ја информира јавноста.
Тој не сакаше да открие детали за идеите на Нимиц, наспоменувајќи дека така било договорено на средбата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека средбата била од информативен карактер и оти од овој момент па натаму целокупниот процес за водење на преговорите е во рацете на Владата и оти тој очекува навремено да биде информиран за се што ќе се случува на тој план.
- ВМРО-ДПМНЕ останува единствена на позицијата дека РМ мора да биде дел од НАТО и ЕУ и ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и националните интереси на Република Македонија, рече Мицкоски, кој додаде дека процесот на преговорите мора да се движи напред.
Според него ваков вид координација требало да се случи порано и додаде дека не сака да ги коментира предлозите на Нимиц, бидејќи процесот допрва треба да се развива.
За лидерот на ДУИ координацијата е почеток на крајот на еден важен процес.