Некој од Собраниските служби вчера ги фрли амандманите на ВМРО-ДПМНЕ поднесени во врска со неуставниот закон за двојазичност.

Кому му сметаат амандманите на неуставниот закон за двојазичност? Дали е ова организиран акт и колкумина се вклучени во овој срамен, недемократски чин? Кој ја дал наредбата? Дали со фрлањето на амандманите некој сакал да испрати порака дека е залуден секаков обид за аргументирана дискусија и правно побивање на неуставните закони? Дали некој сакал да испрати порака дека со доаѓањето на власт на Заев демократијата заврши во контејнер и се ќе биде само како што ќе одлучи СДСМ, колку и да се штетни нивните одлуки за државата и народот?

Истрага за овој срамен недемократски инцидент мора да започне и истрага мора да има, а одговорните мора да бидат откриени и санкционирани. Не смее никому да му се дозволи да ја понижува демократијата на овој начин.

Ваквите постапки нема да го спречат ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да стои во одбрана на законите и Уставот на државата. Законот за двојазичност кој СДСМ насилно го носи е спротивен на Уставот на Република Македонија.

Овој закон ја уназадува употребата на македонскиот јазик како кохезивно средство за комуникација на сите заедници во земјата, а неговото вештачко наметнување носи сериозни финансиски импликации.

Претседателот на државата, јазичните експерти и професори како и општата јавност цело време укажуваат на недостатоците и неуставноста и штетноста на законот. СДСМ наместо на сила да го носи законот кој носи штета на граѓаните и државата ја има можноста да го повлече, да ги прифати забелешките и да отвори широка дебата со што ќе покаже дека работи за доброто на граѓаните.

Ќе ви образложиме дел од членовите кои се во спротивност со Уставот на државата, на кои пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ приложи амандмани за нивна корекција.

Во Членот 9 од законот се вели дека во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применува македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Тоа не е во согласност со членот 8 став 1, алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија, а во правото постојат само јасни и недвосмислени норми за логично правно функционална целина. Ваквата одредба води кон правна несигурност на граѓаните и правните лица во земјата.

Членот 10 предвидува во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки како и налозите, заклучоците и записниците пред извршител се издаваат на македонски јазик и неговото писмо и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Истото не е во согласност со Амандманот 5 од Уставот поради тоа што истите не спаѓаат во организација на државната власт во Република Македонија, а со тоа државата се меша во водењето на приватните бизниси на граѓаните.

Членот 11 предвидува институциите надлежни за управување со институциите за извршување на санкции, како и самите институции надлежни за извршување на санкции се обврзани во комуникацијата и постапките да го применуваат македонскиот јазик и неговото писмо, како и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо доколку лицето за кое станува збор зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија.

Одредбата исто така води кон правна несигурност на граѓаните и правните лица и е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, каде стои дека владеењето на правото е темелна вредност на правниот поредок каде егзистираат само прецизни и недвосмислени норми со кои се одредува правно функционална целина.

ВМРО-ДПМНЕ поддржува унапредување на правата на заедниците во Македонија, но доколку тоа е во согласност со Уставот на државата. Ваквиот закон нема да го унапреди животот на граѓаните, овој закон јасно води кон поделби.

ВМРО-ДПМНЕ се залага и се бори за интегрирано и просперитетно општество во кое ќе се почитуваат Уставот и законите и кое носи еднакви можности за сите граѓани на Република Македонија



Автор: Администратор
Објавено на: 28/01/2018 20:07