Президиумот на политичката партија Левица, на својата седница одржана на 26 јануари 2018 година, донесе одлука за изрекување мерка замрзнување на членството на Бранимир Јовановиќ – во јавноста познат како актуелен советник на Министерот за финансии – Драган Тевдовски и апологет на штетните економски политики на Владата предводена од СДСМ.

Како што јавноста е веќе запозната, Јовановиќ минатата година поднесе неотповиклива оставка од сите партиски функции во Левица (координатор на Програмски сектор Економија и член на Централниот комитет на партијата), а ја прифати понудената функција советник во Кабинетот на Министерот за финансии. По ова, ЦК на Левица едногласно ја прифати неговата оставка и пасивизацијата на неговото членство и реши да не го сакционира на никаков начин, туку само да ја следи неговата работа во новата Влада.

Но, по последниот развој на настаните – поврзани со носењето на серија крајно штетни економски одлуки кои не беа предвидени ниту во предизборната програма на владејачката коалиција – Президиумот, согласно интерниот Правилник за дисциплинска одговорност на членовите, одлучи привремено да го замрзне членството на Бранимир Јовановиќ во Левица, поради јавно застапување политики и ставови кои се суштински спротивни на нашата идеологија и на најважните основачки акти на партијата: Статутот, Платформата и Политичка програма на Левица.

Клучни за ваквата одлука на Президиумот беа следниве владини мерки, во чие донесување ресорното министерство имаше најголем удел: (1) Отворената законска „дупка“ за манипулација при исплатата на минималната плата, преку нерегулирањето на нормираниот учинок; (2) Предлог-Буџетот на Министерството за финансии за 2018 год. којшто структурно не се разликува од буџетите на Режимот, кога министер за финансии беше Зоран Ставрески; (3) Зголемувањето на ставката за патни трошоци на пратениците во Собранието на РМ и на другите избрани или именувани јавни функционери; (4) Зголемувањето на цената на горивата, преку зголемување на акцизата; (5) Намалувањето на т.н. еко-буџет за заштита на градовите од аерозагадување и за зачувување на животната средина и на природата; (6) Укинувањето на даночните ослободувања за ситните земјоделци; (7) Воведувањето на физичките лица, во најголем број прекарни работници и хонорарци, како ДДВ обврзници и сл.

Левица бара од министерот Тевдовски и од неговите советници, доколку себеси сè уште се декларираат за социјалдемократи, да престанат да ги празнат џебовите на работниците, за сметка на невоведувањето прогресивен данок со кој би ги опфатиле енормно високите приходи на олигарсите и на богатите.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2018 18:06