Почна пријавувањето за бесплатни обуки наменети за сите невработени лица кои се заинтересирани за стекнување напредни вештини од областа на информатиката.
Проектот е организиран како дел од активните мерки на Агенција за вработување на Република Македонија во соработка со Семос Едукација како спроведувач на обуките. Кандидатите може да аплицираат за учество за еден од следните програмски пакети: ORACLE - официјална обука за Java SE8 Programmer или ISTQB - официјална обука за тестери за квалитет на софтвер.
Единствени критериуми кои треба да ги исполнат кандидатите е да имаат минимум завршено средно образование и да бидат евидентирани како невработени лица без оглед на нивната возраст. Заинтересираните ќе може да се пријавуваат во сите канцеларии во Агенција за вработување, a огласот ќе биде отворен сè до целосно пополнување на предвидениот број на кандидати.
Целта на овие обуки е да им се овозможи на невработените да се мотивираат, преквалификуваат и активно да се вклучат во пазарот на трудот, а истовремено да совладаат ИТ вештини и знаења кои би им биле од голема корист при барањето работа. Обуките ќе се спроведуваат во период од три до шест месеци, вклучувајќи настава со користење на официјална литература, подготовка на кандидатите за сертификација и спроведување на испити за стекнување со меѓународно признаен сертификат.
Минатогодишните обуки кои се одржаа во период од мај до ноември, беа успешно спроведени за 220 невработени лица во рамки на проектот за поддршка за вработување на млади лица до 29 години. Со овие обуки многумина успеаа да се преквалификуваат и да постигнат поголема конкурентност на пазарот на трудот.
За разлика од претходните обуки, оваа година не постојат старосни ограничувања, односно ќе може да се пријавуваат сите заинтересирани кои ги исполнуваат критериумите, без разлика на нивната возраст.
Со овој проект Семос Едукација од 2010 година активно е вклучен како спроведувач на обуки за ИТ вештини со сертифицирани предавачи за изведување на предвидените обуки. Повеќе информации за јавниот повик, критериумите за избор, начинот на спроведување на обуките и постапката за аплицирање прочитајте на официјалната веб-страница на АВРМ http://www.avrm.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx