Зијадин Села од Алијансата на Албанците ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со поднесувањето на над 35 илјади амандмани за Законот за јазиците се спротиставува на интересите на најмалку третина од граѓаните и повика на прекинување на вакви политики.

Смета дека на ВМРО-ДПМНЕ единствена цел им е политички да поентираат. Тврди дека има информации дека кога ДУИ водела преговори со опозициската партија, прифатила да се донесе ист ваков закон.

За Алијансата на Албанците, исто така, не е прифатлива дефиницијата „јазикот, кој го зборува најмалку 20 отсто“ од граѓаните.

– Кога се прават преговори за името, со право Македонците не прифаќаат да се удира во идентитетот, но, исто така, никој нема право да удира по нашиот јазик бидејќи албанскиот јазик се вика албански јазик и нема потреба да се дефинира со проценти, рече Села додавајќи дека ќе продолжи да се залага за тоа албанскиот да стане официјален службен јазик како македонскиот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2018 22:58