Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја предводи делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на дводневната посета во Брисел, оствари средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини.
-Во текот на денешниот ден имавме состанок со еврокомесарката Федерика Могерини која што истовремено е одговорна и за надворешната политика на Европската Унија. Разговаравме за стратешките приоритети на Република Македонија а тоа е полноправното членство на Република Македонија во ЕУ, изјави денеска во Брисел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски информира дека на средбата, на која учествувале и потпретседателот Александар Николоски и членот на Извршниот комитет Владимир Ѓорчев станало збори и за реформскиот процес кој што е на патот до полноправно членство на Република Македонија во ЕУ.
-Како претседател на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ изразив загриженост поради неисполнувањето на реформите било на планот на правосудството било на планот на образованието, економските форми исто така, изјави Мицкоски.
Сето она што се случува во Република Македонија не’ загрижува, нагласил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и не само што не помага во побрзо одење на патот кон полноправно членство на Република Македонија во склопот на Европската Унија туку и го уназадува тој процес.
–Исто така ја искористив можноста да ја информирам еврокомесарката Могерини за состанок со проблемот со името кој што имаат Република Македонија и соседна Република Грција. Состанокот кој што го одржа државниот врв, на кој што присуствував јас, владините претставници, претседателот Иванов и господинот Ахмети придружуван од неговите соработници. Ја запознав со содржината на состанокот дека тој е од информативен карактер. Не запознаа со начинот како е воден процесот од нивна страна досега. Но она што се вели предлог кој што беше доставен од страна на медијаторот Нимиц. Очекуваме дека овој сет на идеи и понатаму ќе се развива и дека ќе бидеме континуирано информирани за развојот на овој процес, се до негово се разбира позитивно решавање, рече Мицкоски.
Она што нас не загрижува како најголема опозициска партија, вели Мицкоски, е негативната слика за економијата во државата, негативните процеси од аспект на реформите во правосудството, злоупотребата на државните институции во партиски цели и сето она што можеме да го наречеме со два збора политички терор. Се надеваме дека во иднина овие зборови ќе изостанат од нашиот вокабулар и ние само ќе зборуваме за реформи, реформи и што побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.
-Имавме корисна конструктивна средба со еврокомесарката Могерини и мислам дека во тој дух треба да продолжат и понатаму односите кои ќе ги развива ВМРО-ДПМНЕ со официјалните лица на Европската унија, Европската Комисија и Европскиот Парламент, заклучува Мицкоски по средбата со Могерини.