Повеќе од два месеци Илиевски, Јовановски, Чавков, Мукоски и останатите се држат во притвор во крајно мизерни услови само затоа што гласно се спротивставија на плановите на оваа влада за обезличување на Република Македонија. Ваквиот нехуман однос е уште еден обид за попречување и замолкнување на секоја критика на погубните политики на владата на СДСМ.
Со апсурдното обвинение за тероризам се праќа порака до секој оној што сака да го крене својот глас за работите во кои верува.
Во ниту една демократска држава не е забележан пример како пратеници се влечат по затворите и се прогласуваат за терористи. Во ниту една држава не е забележан пример како човек кој целиот свој живот го посветил на безбедноста на државата е прогласен за терорист. Во ниту една цивилизирана држава не е забележано доктори да лежат во затворски ќелии под обвинение за тероризам. Во ниту една држава во Европа досега не е забележано да има толку многу луѓе кои се обвинети за тероризам, што ја сместува Македонија помеѓу најтерористичките земји во светот.
ВМРО-ДПМНЕ апелира до правосудните органи да го прекинат политичкиот прогон. Наместо да се занимаваат со вакви апсурдни обвиненија за тероризам да почнат да делуваат според законите и Уставот.
Независното судство е право на граѓаните, кое не смее да им биде скратено. Одлуките кои треба да ги донесат судовите треба да бидат во согласност со законските норми и доказите. Судството конечно треба да се ослободи од притисокот и стегите на власта.
Демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено. Република Македонија заслужува да има независни и силни институции чија цел ќе им биде заштита на граѓаните и нивните права.
СДСМ мора да разбере дека во Македонија има луѓе кои размислуваат поинаку од Зоран Заев. Политичкиот прогон и малтретирање мора да запре !
Нема напредок за Република Македонија и нејзините граѓани ако оваа власт продолжи да се пресметува со неистомислениците преку користење на монтирани и фабрикувани кривични постапки.