Управата за јавни приходи информира дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот доход од 1 јануари 2018 година се воведе нов начин на пресметување и плаќање на персонален данок на доход, со поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk (https://e-pdd.ujp.gov.mk/ppf/home.seam).

Граѓаните (резиденти и нерезиденти на Р.Македонија) кои остваруваат приходи од други физички лица во земјата, како и граѓаните-резиденти кои остваруваат приходи од странство, имаат обврска да поднесат Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД), и тоа за:

1) Приходи од имот и имотни права (издавање на имот на друго физичко лице) – до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е склучен договорот или по месецот на издавање. Во случај на склучен договор за цела година, се поднесува Електронска пресметка (е-ППД) за цела година, односно за времетрањето на закупот. На пример, кога граѓанин издава стан на друго физичко лице за цела 2018 година се поднесува една пресметка е-ППД за период од 01.01.2018 до 31.12.2018 година.

Доколку времетраењето на закупот е пократко од 31 ден во еден месец, односно се издава преку веб страни booking, airbnb и сл. се поднесува по една Електронска пресметка (е-ППД) за секој поединечен остварен приход. На пример, кога граѓанин во текот на еден месец издава стан по неколку дена на повеќе закупци се поднесуваат пресметки е-ППД за секој остварен приход, односно за секој различен закупец за соодветниот период на престој во станот.

За повеќе информации во врска со пријавувањето и плаќањето на персонален данок за приходи од имот и имотни права преземете ја Брошурата „Оданочување на приходи од имот и имотни права (закупнина)“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/69 (http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/69))

2) Капитални добивки од продажба на хартии од вредност, недвижен имот и учество во капиталот – до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е извршена продажбата или во кој е заверен договорот за купопродажба.

На пример, до 10.02.2018 година имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) за продажба извршена во Јануари 2018 година.

3) Приходи од странство – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.

На пример, до 10.02.2018 година имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) за остварените приходи од странство во текот на Јануари 2018 година.

4) Лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет и за кои даночниот обврзник сам го утврдува и уплатува данокот – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.

На пример, до 10.02.2018 година имате обврска да поднесете Електронска пресметка (е-ППД) за остварените лични примања во текот на Јануари 2018 година.

5) Други приходи (приходи остварени со е-трговија преку специјализирани интернет страни, приходи од интернет маркетинг услуги, приходи остварени со продажба на корисен цврст отпад, исплатите на име специјализации, постдипломски студии и др.) – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.

6) Приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари – до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2018 20:51