Од Управата за јавни приходи (УЈП) апелираат до граѓаните задолжително да поднесат годишна даночна пријава, најдоцна до 15-ти март годинава.
Оттаму потсетуваат дека даночна пријава треба да поднесат лица кои оствариле приходи во земјата и во странство по основ на: награди, бонуси и други надоместоци од работен однос; кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп); авторски права и права од индустриска сопственост; дивиденди, учество во добивката и камати по заеми дадени на физички и правни лица; капитални добивки од продажба на учество во капитал и недвижен имот; добивки од лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа, во износ поголем од 5.000 денари (по поединечна добивка); приходи од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници; приходи од интернет (пример, е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни, поставување на реклами на сопствени интернет страници, прогнози – дојави на типови за спортски натпревари); лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија; работно ангажирање во амбасада, во меѓународна организација и други дополнителни видови на приходи, надвор од редовната плата или пензија.
Годишната даночна пријава (ПДД-ГДП) може де се преземе на интернет-страницата на Управата за јавни приходи, а се поднесува до даночните шалтери, преку пошта или електронски.
Со цел навремено прилагодување на новиот начин на пријавување, пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход од УЈП препорачуваат секој граѓанин да се регистрира на системот е-Персонален данок.