Трговијата меѓу Бугарија и Македонија бележи раст од близу 11 проценти во 2017 година. Притоа, извозот од Бугарија се зголемил за три проценти.
Како причина за тоа економскиот аналитичар Љубомир Левичаров го посочува потпишаниот договор за добрососедство меѓу двете држави, пренесува бугарската Тв Европа.
Според експертите, интересот за патувања за бизнис во Македонија се зголемил двојно во однос на минатата година.
– Според минатогодишните истражувања интересот за бизнис релации и бизнис патувања е зголемен двојно. Тоа може да се должи на договорот за пријателство, соработка и добрососедство од крајот на минатата година, вели Левичаров.
Според податоците на експертите, бугарските компании во првите девет месеци од минатата година извезле стоки во вредност од 300 милиони евра на македонскиот пазар, од каде пак увозот изнесува 234 милиони евра.
Статистичките податроци покажуваат дека, најголем дел од стоките кои Бугарија ги извезува во Македонија се од електроенергетската област, а најмногу се увезува бакарна руда.
– Има доста бугарски инвестици во Македонија, како што е случајот со банкарскиот и осигурителниот сектор. Општо земено од Бугарија извезуваме енергија, нафтени масла, како и сончогледово и памучно масло. Увозот на стоки од Македонија е во бакарни руди, односно оловоцинкови руди, наведува Левичаров.
Економските аналитичари се категорични дека сегашните тенденции и зголемувањето на стоковата размена меѓу Бугарија и Македонија ќе продолжат во наредните години.
Во 2016 година, размената меѓу двете соседни држави изнесуваше 639 милиони евра, кога имаше зголемување на извозот од Бугарија во Македонија за 2,1 проценти, а намалување на увозот за 5,5 проценти. Приближен износ од 649 милиони евра во размената е евидентиран и во 2015 година.
Инвестиците од Бугарија во Македонија се претежно во банкарскиот и осигурителниот сектор, металургијата, прехранбената дејност, геолошки истражувања, информатичко комуниукациски технологии, телекомуникации и хотелиерство.
Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август лани го потпишаа Договорот за добрососедство, кој на 23 ноември истата година резултираше со девет спогодби за соработка во повеќе области, како што се инвестиции, енергетика, туризам, инфраструктура, телекомуникации, одбрана.