Каква порака им испраќа Македонија и Министерството за одбрана на нашите партнери од НАТО, доколку за прв човек на военото разузнавање се постави лице со дамки во кариерата кое имало проблеми во земјава да обезбеди безбедносен серитификат?
Одговорот е едноставен, доколку првите луѓе на Министерството за одбрана водат таква политика, мотивирана пред се од партиските интереси, а не од националните, сигурно не испраќаат порака до партнерските служби дека може да имаат целосна доверба и да се потпрат на Македонија.
Деновиве сме сведоци на скандал кој што го објавија медиумите и легитимно се поставува прашањето дали Радмила Шекеринска за началник на Военото разузнавање назначила човек кој не поседувал безбедносен сертификат?
Овој сомнеж е се поголем откако медиумите обелоденија дека Горан Василевски со безбедносен сертификат се стекнал за неполн месец, иако законските процедури за добивање на сертификат со степен „Државна Тајна“ изнесуваат до 6 месеци, а во вонредни услови може да изнесуваат и до 12 месеци.
За жал нема одговори од Министерството за одбрана, на дилемите кои ги отворија медиумите, како Василевски кој претходно бил одбиван за безбедносен сертификат и паѓал на безбедносните проверки, за што се водела и постапка пред Управен суд, сега експресно се стекнува со безбедносен сертификат од највисок степен? Дали е вистина дека Василевски го изгубил и спорот што го водел пред Управниот суд?
Радмила Шекеринска е должна да и одговори на јавноста дали се испочитувани условите за издавање на безбедносен сертификат на лицето Горан Василевски? Дали тој ги исполнил условите за издавање на безбедносен сертификат од највисок степен кои претходно очигледно подолг временски период не можел да ги исполни? Дали можеби поврзаноста на Василевски до СДСМ е клучот за брзиот одговор на институциите за издавање на безбедносен сертификат, ако се земат во предвид сликите што сам ги објавувал на социјалните мрежи од кампот на СДСМ пред владата на Република Македонија, кога сегашната власт протестираше.
Во интерес на транспарентното информирање на јавноста и значењето на оваа служба за нашата интеграција во НАТО, Шекеринска е должна да одговори. Негативните последици кои може да ги има поставувањето на лица со дамки во кариерата на едно од најчувствителните позиции во министерството за одбрана се огромни и непоправливи.
Јавноста има право да знае дали човекот кој според закон учествува во изработка на планот за одбрана на Република Македонија ги исполнува сите услови за таквата позиција? Недозволиво е за првиот човек на Военото разузнавање кој по функција е контакт со воените аташеа на странските држави во Република Македонија, кој е член на делегација на Република Македонија за водење преговори за склучување на билатерални спогодби за размена на класифицирани информации, а воедно е и овластено лице за безбедносни проверки и овластено лице за класифицирани информации во Министерството за одбрана, дали постои сомнеж од таков вид. Министерката Шекеринска не смее да ја загрози и уништи професионалната доверба која партнерските служби ја имаат кон Република Македонија и нејзиниот безбедносен систем.