ЛДП со остра реакција се спротивставува на непрофесионалното и недолично однесување на вработениот од Министерството за надворешни работи, кој „се дрзнал да му се заканува на новинарот од ТВ21, Фуркан Салиу, да не поставува прашања на јавен настан и при тоа да го условува со наводно интервју после прес конференцијата“.
Од партијата додаваат дека како партиципиент во власта, категорично се против таквото однесување на кој било од вработените во јавната администрација, министерствата или Владата, насочено кон средствата за јавно информирање.
„Ние 12 години се боревме против режим кој ги практикуваше истите тие стандарди на однесување кон новинарите, медиумите и воопшто кон јавноста. Ниту тогаш, а ни сега, тоа нема ниту да го поддржиме ни да го премолчиме. Доста ни е од „кројачи на јавното мислење“, доста ни се „кројачи на спинови“, доста ни е од „кројачи на медиумски лаги и извртување на вистината“, соопшти ЛДП.
Додаваат дека во државава никој нема право да ја загрозува слободата на медиумите и новинарите, но и правата на граѓаните да бидат информирани за прашања од јавен интерес.
„Бараме од МНР и од министерот јавно да се огради од вработениот и да го истражи случајот, а воедно препорачуваме во најбрз можен рок во своето министерство да спроведе курс по демократија“, се наведува во соопштението.
Од ЛДП велат дека го поддржува независното новинарство, слободата на медиумите и ќе се спротивстави на секое забегување на поединци од власта, зошто, велат, слободата на говорот е темелна вредност на едно отворено и демократското општество.