Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека е симптоматично што во моментов имаме празна и нефункционална Државна изборна комисија (ДИК) и оти треба сите државни институции кои би биле дел од евентуален процес за конечно одлучување за прашањето за името да бидат функционални за никој да нема алиби да го донесе Собранието пред свршен чин или да врши притисок да се изјасни на еден или на друг начин, без народот да ја изрази својата волја.

Милошоски денеска поднесе барање Собранието да донесе одлука за објавување јавен оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на ДИК. Точката, според него, би требало да се стави на дневен ред на првата наредна седница, а изборот би се вршел според актуелниот Изборен законик.

Предлогот, како што кажа пратеникот на опозициската партија, најмногу бил инспириран од изјавите на вицепремиерот Бујар Османи и лидерот на ДУИ Али Ахмети кои прашањето за името, вели Милошоски, не го гледаат како прашање за коешто треба да биде чуена волјата на народот.

Дполнително, потенцира Милошоски, сегашната состојба во ДИК е спротивна на членот 26 на Изборниот законик каде што стои, наведува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, дека Собранието има императивна норма да ја пополни ДИК со нов состав после 30 дена по завршувањето на мандатот на претходната ДИК, кој беше констатиран во декември. Досега, вели тој, нема такви иницијативи.

– Очекувам сите пратенички групи да го поддржат овој предлог и да се објави јавен оглас, рече Милошоски.

Сепак, негово лично мислење е дека составот на ДИК треба да биде помал по број, за ДИК да биде и поекономична и поефикасна.

– Но тоа би било прашање на некои политички договори и некој поширок консензус. Ова е актуелниот закон и сметам дека според овој треба да имаме целосен состав на ДИК и да одговори на евентуелни избори или референдум, вели Милошоски.

Осум од деветмина членови на ДИК неодамна поднесоа оставки на функциите по што тие беа констатирани од Собранието откако во јавноста беше обелоденето дека тие си одредиле високи надоместоци како паушал за неколку изборни циклуси. Во ДИК единствен член сега е Емира Асани Салија предложена од Беса.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2018 21:39