Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, содржината и начинот на кој се донесе Законот за употреба на јазиците од страна на парламентарното мнозинство на СДСМ е неуставен и нереален. Како што кажа тој, таков закон кој што е од интерес на сите граѓани не може да се носи во Собранието без присуство на опозицијата.

– Се обидуваме да го нијансираме, а се со цел да го подобриме неговиот квалитет. Не може да се дискутира нешто што ги интересира сите граѓани на Република Македонија, на седница која што не е присутна опозицијата и притоа да помините покрај тоа како ништо да не се случило. Претседателот на државата не го потпиша тој закон, а ние во најмалку три прес конференции се обративме до владејачкото мнозинство и апелиравме да преовладува разумот, бидејќи јавноста е чувствителна на ова прашање, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во дневникот на телевизија Сител.

Мицкоски додаде дека за да биде Законот за јазици уставен мора да се формира работна група која ќе ги вклучи сите политички партии и претставници во македонскиот парламент, научната јавност, претставници од Македонската академија на науките и уметностите и претставници од кабинетот на претседателот на државата. Работната група ќе создаде закон што пред се ќе биде уставен, применлив и прифатлив за сите граѓани. Тој додаде дека овој предлог што го дал СДСМ го одбила без претходно да образложи зошто го одбива.

– Гледаме едно насилничко однесување. Предлогот беше одбиен со индигнација. Воопшто немаше некое логично образложение во јавноста зошто се одбива. И тогаш вие морате да ги искористите сите оние демократски и процедурални алатки кои што и стојат на располагање и да се броите против таквото девијантно однесување. Затоа ние на тој регуларен начин поднесовме 36.000 амандмани, констатираше Мицкоски.

На новинарско прашање дали очекуваат од владејачкото мнозинство до крај да поминат овие амандмани, Мицкоски рече:

-Македонија е демократска држава во која што владее правото и правниот систем и нема прашање дали очекуваме или не очекуваме. Единствено што очекуваме да се почитуваат процедурите во Собранието и законите во Република Македонија.

Според Мицкоски секое наредно девијантно однесување, непочитување на процедурите во Собранието од старана на владејачкото мнозинство на СДСМ, ќе биде квалификувано како политички терор и недемократско однесување. Тој потенцираше дека со ваквото девијантно однесување СДСМ нанесува огромна штета на Република Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ тоа не може да го дозволи и како што порача тој ВМРО-ДПМНЕ е тука да ги брани интересите на Македонија и нејзините граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2018 02:56