Вредноста на извезените стоки од Македонија минатата година изнесува 5.671.466 илјади американски долари и бележи пораст од 18,5 проценти во однос на претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 7.719.852 илјади американски долари, што е за 14,2 отсто повеќе во споредба со претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, трговскиот дефицит во периодот јануари-декември 2017 година, изнесува 2.048.386 илјади американски долари, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 73,4 отсто.

Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторни возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облека.

Во текот на минатата година најмногу се увезувало платина и легури на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, обработувани не повеќе од топловаланите со ширина од 600мм или повеќе, намотани.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Податоците покажуваат дека извозот во текот на минатата година бележи зголемување кон речиси сите земји. Така кон Германија зголемувањето е 18,4 отсто, Велика Британија 31,6 отсто, Грција 24,6 отсто, Србија 15,9 отсто, Бугарија 35,1 отсто, Италија 5,7, Кина 30,2, Турција 25,3, Романија 30,6, Белгија шест отсто, Унгарија 90,4 отсто, Полска 81,2 отсто, Косово осум, Словенија 15,4 отсто, САД 9,4, Австрија 64,9 отсто и Русија 10,6 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2018 15:01