Туристичката понуда на Македонија е претставена на 60. меѓународен саем за туризам во Брисел.

Во тек на саемот е остварена средба на претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и на тур-операторот „Томас Кук“, од каде информирале дека бројот на туристи кои патуваат за Македонија од година во година значително се зголемува.

„Покрај организираните тури од големите тур-оператори, значителен е бројот на потенцијални туристи кои сакаат самостојно да си го организираат патувањето и да пристигнат во Македонија преку директната авионска линија на Визер“, соопшти денеска АППТ.

Според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, можностите на Саемот за туризам во Брисел се мултиплицираат со фактот дека белгиските семејства се помеѓу најбогатите во Европа кои остваруваат 12,7 милиони одмори годишно, од кои пак осум милиони се подолги од 10 дена, а скоро 10 милиони се во Европа. Од вкупниот број жители во Белгија 74 проценти патуваат надвор од земјата, а вкупната потрошувачка за патувања и одмори е 16,1 милијарди евра, што ги прави број еден нација во Европа со просечна потрошувачка за одмори.

Претставници на АППТ учествувале на бројни вмрежувања и настани организирани од саемот, но и од потенцијалните партнери, што, посочуваат, претставуваше дополнителна можност за презентација на Македонија и остварување нови контакти.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2018 16:24