Еден од предусловите за развој на сивата економија е неиздавањето на фискални сметки, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешниот Регионален форум за скриена економија кој се одржува во „Холидеј ин“, а на кој учествуваат и претставници од даночните институции на регионот.
Таа додаде дека се поголем број на граѓани се јавуваат во УЈП и поднесуваат претставки за неиздавање на фискални сметки. Најголем број од фискалните сметки не се издаваат во секторот на услуги.
Лукаревска најави засилени контроли од страна на УЈП посебно кога станува збор за настани од забавен карактер. Како пример го посочи Супер купот, кога имало засилени контроли и Струмички карневал кој следува. Таа информираше дека од извршените контроли минатата недела само кај 10 отсто од субјектите биле утврдени неправилности.
Освен неиздавањето на фискални сметки како други форми на скриена економија, Лукаревска ги спомна пријавувањето на понизок обрт од страна на компаниите, пријавувањето на помали приходи, издавање на фиктивни фактури, формирање на фиктивни компании и лажирање на фактурите. Најголем дел од скриената економија е кај микро и малите бизниси.
Ана Мицкоска Ралева, од Центарот за истражување и креирање политики изјави дека во однос на индексот на скриена економија, во Македонија нема подобрување од 2014 година.
На скала од 1 до 10, Македонија има тројка на тој индекс и е подобра во однос на Албанија која има четворка и Косово кој има седмица.
– Оваа позиција е очекувана бидејќи од 2014 до 2017 година политичката и економската криза влијаела на недовербата врз институциите – рече Мицкоска Ралева.
Таа додаде дека не секогаш се потребни казнени мерки, заплашување на правните и физичките лица туку потребна е стимулација за подобрување на даночната дисциплина