Со 25 грантови од Европската унија во вкупна вредност од 3,3 милиони евра и зголемено учество на граѓанскиот сектор Македонија во наредните 24 месеци ќе ја подобрува конкурентноста на економијата и ќе ја реформира јавната администрација за побрз пристап во Унијата.
Договорите за грант од ИПА 2013 компонентата за имплементација на проекти за зголемување на конкурентноста и за зголемено учество на граѓанскиот сектор во реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ се потптишани лани во декември, а денеска официјално беше означен нивниот почеток.
Првата грантова шема е за зголемување на конкурентноста на македонската економија во чии рамки се доделени 10 проекти во вкупен износ од 1,383 милиони евра, а втората, која се состои од 15 грантови во вредност од 1,63 милиони евра, е за зголемено учество на граѓанските организации во реформите кои треба да ги направи земјава на патот кон присоединувањето со ЕУ
- Со 25. проекти во вредност од 3,3 милиони евра треба се подобри соработката меѓу невладиниот сектор и Владата. Проектите се обезбедени од ЕУ со 10-процентно кофинансирање од различни владини институции и невладини организции кои се добитници на грантовите, рече Никола Бертолини, раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Тој посочи дека лани ЕУ во Македонија склучила договори во вредност од 122 милиони евра, а потрошила 70 милиони за да го поддржи пристапниот процес на земјава кон Унијата, а во тоа, како што кажа, тесно соработува со централните и локалните власти и невладиниот сектор.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека преку двете грантови шеми невладиниот сектор ќе има поголемо учество во општото живеење во земјава и додаде дека тој и неговиот Кабинет се во секое време отворени за соработка со сите, особено во делот на подигнување на конкурентноста на македонската економија. Нагласи дека Владата ќе биде добар партнер на невладиниот сектор и додаде дека очекува од граѓанските организации да бидат коректив на владините политики.
- Добар дел од 10. проекти за подобрување на конкурентноста се многу компатибилни со Програмата за економски раст. Има проекти кои треба да ја зголемат соработката помеѓу домашните компании и странските инвеститори, да се подобри бизнис климата, да се зголемат знаењата за претприемаштво,... Македонија е многу мала држава и има потрошено премногу време и пари без да постигнеме резултати. Сакам сите политики што ќе ги водиме, без разлика дали ќе бидат владини или во невладините организации, да бидат во синергија и да водат кон иста цел за да се избегне на крај да добиеме студии кои кажуваат различни информации и прават конфузија, рече Анѓушев.
Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски рече дека со планот 3-6-9 се обврзале оти ќе изградат подобра соработка на Владата со граѓанскиот сектор и им порача на добитниците на грантовите дека вратата секогаш ќе им биде отворена и само од нив ќе зависи колку ќе соработуваат со Владата.
- Од грантовите 15 условно се наменети за Секторот за имплементација на реформите што Македонија треба да ги направи во приближувањето кон ЕУ. Предвидените средства треба да донесат значителни реформи во јавната администрација и во подобрување на приближувањето на земјава во Унијата, рече Рашковски и додаде дека 15. шеми се во различни области, но се блиски една до друга.