Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување во партнерство со Здружението на бизнис жени и ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска денеска го означија започнувањето на проектот „Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика (We-Contribute)“.

Емилија Андонова, проектниот менаџер од МИР Фондација, наведе дека во рамките на проектот, што ќе се имплементира во времетраење од една година, ќе биде формиран национален Совет за женско претприемништво кој им е потребен на сите жени претприемачи во Македонија, а воедно и на граѓанските организации кои се занимаваат со таа проблематика.

„По формирањето на Советот, ќе биде отворен и портал за женско претприемништво каде ќе бидат споделувани сите важни информации кои се поврзани со оваа тематика, како и документи кои им би помогнале на сите кои работат во таа област. Ќе биде изготвен и календар на настани со дата-база за полесно вмрежување на жените претприемачи во Македонија, како и на граѓанските организации кои работат со тоа“, објасни Андонова.

Посочи дека ќе бидат спроведени обуки, советување, менторски сесии, онлајн курсеви за развој на вештини, ќе бидат снимани видеа со жени претприемачи, а ќе бидат изработени и промотивни брошури и водич за граѓански организации.

Валентина Дисоска од Здружение на бизнис жени, нагласи дека проектот е наменет за окрупнување на работите на тема женско претприемништво во Македонија.

„Проектот главно е фокусиран на формирањето на Советот и креирање на политики кои ќе бидат вклучени во ЕУ интегративниот процес , со цел да се откријат насоките за натамошното работење“, заклучи Дисоска.

Проектот ќе трае до 18 декември 2018 година, кога ќе бидат презентирани сите добиени резултати.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2018 16:21