Во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави, во Вашингтон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се обрати на Конференција за безбедност организирана од Конгресот на САД.
На конференцијата се обрати и Сенаторот Роџер Викер како и конгресмените Роберт Атерхолт и Роберт Питинџер. Во нивните обраќања тие ја нагласија посветеноста на САД во борбата против теориризмот како и потребата од соработка со земјите од Југоисточна Европа, посебно од безбедносна гледна точка.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање посочи дека Република Македонија ја гледа својата иднина во НАТО и ЕУ.
Од наша перспектива, НАТО е клучен столб во современата Евроатланска безбедносна архитектура, додека ЕУ е главна движечка сила за демократски, економски и социјален развој на Европскиот континент. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која е свесна дека стратешките приоритети како што се членството во НАТО и ЕУ, како и развојот на стратешкото партнерство со САД, може да се реализираат преку имплементација на реформи, развој на регионална соработка и добри соседски односи, но и континуиран придонес кон регионалната и Евроатланската безбедност и соработка, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски нагласи дека Македонија треба да ја добие поканата за заслуженото членство во НАТО, кое би било од бенефит не само за нашата држава, туку и за регионот, како и за НАТО.