По лажната тревога за ракетен напад врз Хаваи на 13 јануари, жители на Источниот Брег на САД денеска добиле лажно предупредување дека на континентот му се заканува цунами од Атлантикот.

Американската Национална метеролошка служба информираше дека се работи за грешка во системот за масовно предупредување на граѓаните која се случила во време кога се вршел тест на системот. Нема информации колку точно граѓани биле вознемирени со новата лажна тревога.

Системот за рано предупредување за опасноста од цунами беше воведен по катастрофалното цунами во Индискиот Океан во 2004 година, кое уби над 200.000 луѓе.

Тревогата на Хаваи беше помасовна од денешната тревога. Тогаш повеќе од половина час граѓаните беа во страв дека кон островите се упатил севернокорејски балистички проектил. Подоцна се утврди дека се работи за грешка на вработен во системот за рано предупредување.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2018 00:08