Неодговорната политика на СДСМ кон земјоделието ги остава оризопроизводителите во кочанско-виничкиот регион без обезбеден откуп на оризот, а со тоа и без основни средства за егзистенција.
Покрај немањето на откуп, оризопроизводителите во стартот на сезоната се соочија и со ниски откупни цени, кои не поминуваат 18 денари за арпа, односно 35 денари за бел ориз.
Ова е сосема спротивно на ветувањето на СДСМ дека цените на оризот по нивно доаѓање на власт нема да биде пониска од 25 денари за арпа, односно 50 денари за бел ориз, што се виде дека ниту ќе ја остварат ниту пак преземаат мерки за решавање на проблемот.
Ситуацијата е алармантна. Доколку владата не реагира и не им помогне на оризопроизводителите под знак прашалник ќе биде претстојната сеидба, но и опстанокот на стотина земјоделци од кочанско-виничкиот регион. Потребни се итни и ефективни мерки за помош на земјоделците.
ВМРО-ДПМНЕ бара владата да пристапи кон интервентен откуп на соодветни количини на ориз, кои останаа не откупени со што ќе се изврши стабилизирање на цените и пазарот. Со тоа оризопрпоизводителите ќе се спасат од економски крах и ќе можат да ја продолжат својата дејност и оваа година.
Владата мора веднаш и без одлагање да го изврши интервентниот откуп во интерес на опстанокот и егзистенцијата на оризопроизводителите.
ВМРО-ДПМНЕ дополнително предлага во овие тешки периоди за оризопроизводителите владата да пристапи кон субвенционирање на потрошената вода за наводнување по единица површина за минатата и за оваа претстојна година.
Потребно е и изготвување на долгорочни мерки и проекти со кои производството на ориз ќе се интензивира и ќе ја зголеми конкурентноста на поширокиот регионален пазар. За ова потребно е воведување на современи технологии и сорти кои ќе го зголемат приносот, и ќе ги рационализираат трошоците. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во соработка со Владата на Република Турција и научните институции од двете земји, спроведе успешен проект со кои ја зголеми сортната структура. Ова треба да продолжи, се со цел да се постигне целта за долгорочно решавање на проблемот, со оризопроизводството и тоа да стане порентабилно.
Овие мерки се нужни и неопходни. Доколку владата навистина води грижа за земјоделието и за оризопроизводителите веднаш и неодложно ќе ги преземе овие мерки во насока на обезбедување на егзистенцијата на земјоделците.