Домашните компании треба да ги подобрат капацитетите за иновативност на која мора да се фокусираат за да се подготват за конкурентниот европски пазар. Тие аплицираат, но не добиваат финансии од Инструментот за мали и средни претпријатија преку европската програма Хоризонт 2020.
Фондацијата за Претприемачки сервис за млади денеска промовираше проект преку кој ќе се спроведат обуки и ќе бидат организирани он лајн курсеви за иновациски менаџмент. Целта е преку развој на капацитетите за иновации да се подобри конкурентноста на малите и средните претпријатија.
- Фирмите треба да се фокусираат на иновативноста за да ја подобрат конкурентноста затоа што е многу тешко да се натпреваруваат на европскиот пазар. Успехот што го гледаме кај некои компании се должи на тоа што настапуваат со специфични услуги и радикални иновации, изјави Даниела Чомкова, од АРК фонд од Бугарија, партнерска организација на Фондацијата ПСМ.
Чомкова ги пренесе искуствата на бугарските претпријатија во користењето на фондовите, укажувајќи дека пред влезот во ЕУ фокусот бил ставен на градење на домашните административни капацитети за користење на структурните фондови од кои сега им се на располагање низа програми, меѓу кои оперативната програма за конкурентност и иновации за мали и средни претпријатија и за кластери.
Според Александар Филиповски, проектен менаџер од Фондацијата ПСМ, домашните претпријатија стасуваат само до прагот за користење пари од Инструментот за мали и средни претпријатија поради што ќе им понудат обуки и консултанти.
- Ќе се работи на развивање апликации за да се види кои се недостатоците за да бидат успешни во процесот на обезбедување средства, изјави Филиповски.
Со проектот е предвидено да се креира мобилна апликација за технолошки трансфер која ќе ги информира компаниите за понудата и побарувачката на иновативни технологии.
Проектот за подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија ќе се спроведува 1,5 година и за него се обезбедени 100.000 евра.