Тибо Куртоа, голманот на Челзи, изјави дека е многу врзан за Мадрид и директно ја повика управата на Реал да реагира и да оствари трансфер налето.
Белгискиот чувар на мрежата пред враќањето во Челзи, три сезони со голем успех бранеше за Атлетико од Мадрид и често изјавуваше дека би сакал да се врати во престолнината на Шпанија, каде што и понатаму му се наоѓа семејството.
„Мојата лична ситуација е врзана за Мадрид, сопругата и двете деца ми живеат таму. Постојано ми зборуваат дека им недостасувам и кога ќе имам шанса да одам во Шпанија. Тоа не е лесно... Срцето ми е во Мадрид, што е логично. Доколку Реал ме сака, нека го контактира Челзи и ќе видиме“, изјави Куртоа за списанието „Спорт фоот“.
Тој додаде дека тешко му паднало заминувањето од Шпанија, но дека е професионалец и дека е фокусиран на обврските во Челзи.
„Ја сакам Шпанија, градот, таму поминав три одлични години и таму станав човек. Стекнав многу пријатели и плачев кога си заминав од Атлетико, во Лондон е многу поладно. Сепак, сега се чувствувам добро“, додаде голманот на Челзи.
Куртоа веќе подолго време преговара со Челзи околу нов договор, бидејќи сегашниот му истекува за година и пол, но засега нема промена . „Доколку Реал е заинтересиран, мојата семејна ситуација може да влијае. Ќе зборувам со управата околу договорот овој месец, нема брзање. Би потпишал нова соработка“, додаде Белгиецот.
Куртоа има договор со Челзи уште од 2011 година, бранеше на 141 натпревар и беше дел од тимот кој освои две шампионски титули на Премиер лигата и Лига купот.