Македонија четврти пат се вклучува во одбележувањето на интернационалниот ден „Со велосипед на работа во зима“ (Winter bike to work day – Skopje #4). Иницијатори на одбележувањето се група ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје „На Точак“.
Во одбележувањето се вклучуваат Министерствата за животна средина и просторно планирање, за образование и наука, Град Скопје и повеќе општини.
Оваа акција во светот традиционално се организира под мотото „Светот вози велосипед со тебе“ и има за цел да ги мотивира граѓаните, институциите, фирмите, кафулињата, училиштата и сите оние кои велосипедот го препознаваат како пријател на доброто здравје и на животната средина, да го прифатат предизвикот и да се вклучат во акцијата, бирајќи го велосипедот како нов современ урбан стил на добро живеење.
Есен или зима.jpg– Досега се пријавени повеќе од 11.374 велосипедисти испраќајќи ја пораката дека и во зима може да се вози велосипед, информира Министерството за животна средина и просторно планирање.
МЖСПП апелира до велосипедистите од сите градови во Македонија да земат учество во оваа активност, а со тоа да го позиционираат својот град на мапата на светски градови каде велосипедот и зиме се користи како превозно средство.
Според информацијата од иницијаторите, од Скопје веќе се регистрирани околу 383 граѓани, а поддршка и најава на учесници пристигнуваат од различни страни. Кафулиња, ресторани, бутици, продавници за велосипеди ги промовираат своите попусти и погодности за велосипедистите кои утре ќе пристигнат до нивниот објект на велосипед.