Министерството за транспорт и врски заедно со Македонски енергетски ресурси и локалните власти ќе се обидат да изнајдат начини како општините поактивно да се вклучат во исполнувањето на нивните обврски и надминувањето на проблемите со имотно-правните прашања со цел да се забрза процесот на гасификација.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пред денешната средба со градоначалниците на општините изјави дека целта е секоја општина и домаќинство да биде гасифицирано.
- На денешната средба очекувам да изнајдеме сериозни решенија со цел процесот на гасификација да се одвива побрзо. Главното ветување на Владата е гасификацијата и затоа во Буџетот за 2018 година одвоени се 40 милиони евра за изградба на гасоводниот систем во Македонија - рече Сугарески.
Директорот на МЕР Благојче Котевски смета дека гасификацијата може да биде успешна само доколку во нејзиниот процес активно се вклучат сите инволвирани страни.
- Нема да дозволиме да се случуваат ситуации како Крива Паланка која е општина каде поминува националниот гасовод, а 20 години не е гасифицирана. Да не се повтори и ситуацијата со Штип каде веќе е стигнат националниот гасовод и имало формирано претпријатие кое требало да се занимава со гасоводот, но новата општинска власт мора да започне од почеток - истакна Котески.
Со средствата обезбедени во Буџетот за годинава се очекува да бидат изградени 80 километри гасовод. Како одредени проблеми кои се јавуваат при изградбата на гасоводната мрежа се имотно-правните односи при експропријацијата на земјиштето.