Покрај многубројните предизвици во изминатиот период, во првите 100 дена по локалните избори целосно се насочивме кон реализација на планираните проекти

Покрај многубројните предизвици во изминатиот период, во првите 100 дена по локалните избори, користејќи ги нaшите расположливи потенцијали, искуства, знаења и капацитети, целосно се насочивме кон реализација на планираните проекти со цел обезбедување на одржлив локален економски развој и просперитетна иднина на локалната заедница.

Наша определба во изминатиот период беше и останува интензивирањето и развојот на економската инфраструктура, особено подобрувањето и изградбата на транспортната, комуналната и енергетската инфраструктура во стопанските комплекси и локалните економски зони, преку кои отворавме можности за привлекување на нови домашни и странски инвестиции, давање поддршка на постојните, а сето тоа во насока на отворање на нови реални слободни работни места.

Водечките идикатори за одржлив локален економски развој покажуваат зголемување на бројот на инвестиции и отворање на нови, реални, слободни работни места и намалување на невработеноста.

Инвестициските патишта водат кон општина Илинден, како резултат на прогресот во привлекување и ефектуирање во реализација на инвестиции, оптимално искористување на можностите и ресурсите во овозможување на поволни услови за влез на нови инвеститори и поддршка на постојните стопански субјекти.

Во периодот по локалните избори извршивме докомплетирање на системот за зафаќање, третман и одведување на отпадни фекални води во населеното место Марино (припадна површина 1), каде што се поставени 4000 метри канализациска мрежа и пречистителна станица со капацитет од 1250 еквивалент/жители на која се приклучени 300 домаќинства.

Извршивме целосно санирање и асфалтирање со зафаќање на атмосферските води на 7 локални улици оштетени од изградбата на фекалната канализација во вкупна должина од 1500 метри.

Се изврши и реконструкција и асфалтирање на дел од локалниот пат Кадино-клучка автопат М1 во должина од 300 метри.

Во делот на заштита на животната средина извршиме уредување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали на критичните локации на каналската мрежа во должина од 5 500 метри.

Пред нас се голем број на проекти, кои ги посочија жителите на општина Илинден, во делот на подобрување на локалната патна инфраструктура, изградба, реконструкција и рехабилитација на општинските улици и патишта, подобрување на инфраструктурата во локалните економски зони и стопанските комплекси, изградба на мостови, пешачки и велосипедски патеки, изградба на фекална канализација со пречистителни станици, зафаќање на атмосферските води со континуирано чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали, проекти во областа на енергетската ефикасност во јавните општински установи, реализација на повеќе инвестиции во образованието, културата, спортот, кои со заедничко залагање и ангажирање ќе ги реалзираме за подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на жителите.

Имаме јасна визија, општина Илинден да прерасне во урбана, атрактивна и конкурентна општина во регионот и пошироко, со создадени услови за одржлив економски и социјален развој, како и квалитетен живот на населението. Општина Илинден да прерасне во препознатлива, потврдена, економски силна урбана општина со современи услови за живеење и стопанисување, каде што образованието, знаењето и ИКТ се императив за растечкиот стандард на човечкиот капитал.

Засилувањето на локалната демократија, граѓанското учество, развојот на човечкиот капитал и одржливиот приход на граѓаните на општината се приоритети во општинското работење. Затоа се вложуваат сите напори за транспарентност, отчетност, финансиска стабилност и ефективност во извршувањето на општинските услуги.

Да ги искористиме силните страни на Општина Илинден.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2018 01:33