Македонската економија треба да биде внимателна, но таа е добро подготвена за турбуленциите кои би можеле да се случат на светските финансиски пазари, уверува гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.
– Во изминатиот период и ние презедовме низа мерки со кои го зајакнавме банкарскиот сектор. Последните години имаме намалување на буџетскиот дефицит, а верувам дека во наредниот период ќе дојде и до стабилизирање на јавниот долг. Фактот што во јануари беше издадена еврообврзница во многу поволен амбиент е позитивен. Сето тоа дава уверување дека македонската економија е добро подготвена за вакви турбуленции кои може да се случат на светските финансиски пазари – изјави денеска гувернерот Богов.
Одговарајќи на новинарски прашања, Богов оцени дека се можни одредени турбуленции на светските пазари, но не очекува дека ќе дојде до нова криза како онаа од 2008 година.
– Последните две години светската економија е во нагорен тренд, растот е многу силен и очекувањата се дека ќе дојде до повлекување на сета ликвидност која беше вбризгана во изминативе 10 години. Тоа внесува одредена доза нервоза кај финансиските играчи на финансиските пазари и можни се вакви корекции и во следниот период – рече Богов.
Според него, за извесен период нема потреба од зголемување на референцијалната каматна стапка имајќи предвид дека Европската централна банка во догледен период нема да ја зголемува својата каматна стапка, а од друга страна и амбиентот во државата е доста поволен за монетарната политика.
Тој вели дека во која насока ќе се движи референцијалната каматна стапка зависи од повеќе фактори како што се фискалната политика, платниот биланс и случувањата на девизниот пазар, политиката на Европската централна банка, како и од одвивањето на прашањата од неекономските ризици.
– Имајќи ги предвид сите овие фактори и во која насока тие ќе се одвиваат можно е да се оди нагоре, надолу или ќе останеме на сегашното ниво – нагласи гувернерот на НБРМ.