- Народната банка на Република Македонија во петок ќе биде домаќин на меѓународна конференција на која ќе присуствуваат еминентни говорници значајни за светските финансиски пазари.

Меѓу нив се Беноа Кере, еден од шесте постојани членови на Европската централна банка, Тао Џанг, заменик главен директор на Меѓународниот монетарен фонд и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања. Најавено е присуство и на гувернерот на централната банка на Исланд и на вицегувернерите на централните банки на Чешка и Литванија, како и на претставници од најголемата финансиска корпорција за управување со финансиски средства во светот - БлекРок.

Од Народна банка велат дека ова е ретка можност за Македонија и оти се работи за глобален настан на кој светската финансиска елита ќе разговара за глобалните предизвици. Поканети се околу околу 200 гости од кои 80 се од странство.

Конференцијата ќе биде поделена на четири сесии, а целта е да се направи оцена на тековната состојба и на идните изгледи на глобалната економија.

На четвртата сесија ќе се обратат и македонскиот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот бугарски колега Владислав Горанов.

Конференцијата ја организира НБРМ во соработка со Комитетот за преобразување на Брентон Вудс.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2018 00:49