Првиот партиски конгрес на Беса ќе се одржи на 24 февруари во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, информираа од крилото на Билал Касами. Претходно, пак, од крилото на Неџбедин Каремани соопштија дека конгрес е закажан за 18 февруари во Домот на културата во Тетово.
– Денес уште еднаш ја потврдуваме офицјиалната одлука на Движењето Беса дека првиот конгрес на партијата ќе се одржи на 24 февруари во „Холидеј ин“ во Скопје. Одлуката ја донесовме заеднички, вклучувајќи ја и таа мала група на незадоволни кои денес зачудувачки излегуваат со гласини за манипулирање на јавноста за некоја друга дата. Ова уште еднаш докажува дека таа мала група се научени да не почитуваат одлуки на органите и статутот на партијата. Нашите врати се отворени за сите заинтересирани да ја продолжат политичката активност во Движењето Беса. Бидејќи сме при крај со заокружување на процесот за формирање на општинските совети, апелираме сите да се приклучат во процесот за одржување на конгресот на партијата на 24 февруари – велат од Центарот за информирање на Движењето Беса.