Состанок за реализација на проектот за основање научно-технолошки парк во Македонија организираше денеска Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Прецизирани се деталите за претстојните активности со што почнува првата фаза за проектот.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски најавува работни средби со релевантните министерства за дефинирање на приоритетни области што ќе функционираат во рамки на „Научно - технолошкиот парк“.

- Фондот ќе обезбеди и координација на активностите за подготовки на стратегијата за т.н. „паметна специјализација“ која би обезбедила конкурентска предност за македонската економија - истакнал на состанокот Деспотовски.

Учесниците на состанокот, претставници на ФИТР, МИОА, и на Кабинетот на премиерот на РМ, тим од меѓународната консултантска фирма „ДАИ“ и претставници на делегацијата на Европската унија во државава, се договориле реализацијата на проектот да ја поделат во неколку фази, за кои тимски ќе ги поделат одговорностите.

Во тек на подготвителниот период на консултантските средби ќе бидат вклучени и универзитетите во државава, бизнис и старт-ап заедницата, и другите релевантни организации како стопански комори и бизнис инкубатори и акцелератори.

Во следните фази, тимот на ДАИ ќе се фокусира на дефинирање урбанистичко решение, изработка на финансиска анализа, модел за финансирање и акциски план.

- Главна цел на научно-технолошкиот парк е раст на економската моќ на државата преку унапредување на културата на иновации, конкурентноста на компаниите што имплементираат иновативни модели, услуги или производи, и академската заедница. Ваквата институција го стимулира развојот и размената на научното знаење и технологија меѓу универзитетите, истражувачките институции, компаниите и пазарот - соопшти ФИТР.

Проектните активности од првата фаза за реализација на проектот за основање научно-технолошки парк во Македонија се финансирани од ЕУ.

Од ФИТР посочуваат дела при спроведувањето на сите активности ќе се води особена сметка за задоволување на европските стандарди и регулативи.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2018 02:23