Новиот Предлог закон за јавни набавки предвидува значајни промени во насока на надминување на утврдените слабости во системот на јавни набавки, усогласување со укажувањата и препораките на Европската комисија и подобрување на транспарентноста, информираат од Бирото за јавни набавки.
Наместо „најниска цена“ како единствен критериум за јавните набавки како што беше досега, со една од промените предвидени со новиот Предлог закон како критериум за најповолна понуда се поставува „економски најповолната понуда“, односно најдобар однос помеѓу цената и квалитетот - најдобра вредност, или пристап на најголема исплатливост.
Во своите извештаи и анализи Европската комисија, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата континуирано имаа забелешки за користењето на критериумот „најниска цена“ како единствен критериум. Како примери беа наведувани набавките на лекови и други медицински потреби, кога набавката на поевтини лекови и медицински материјал во отсуство на критериум - квалитет, може да има штетни последици врз здравјето и животот на граѓаните. Ист е случајот со набавката на храна за градинките, училиштата, болниците, каде квалитетот на храната треба да има приоритет над најниската цена која може да има штетни последици врз здравјето.
Од страна на граѓанските организации исто така беше истакнувано дека и покрај користењето на критериумот најниска цена на електронските аукции, граѓаните во повеќе случаи плаќале многу повеќе благодарение на бројни анекс договори, каде како критериум за добивање на тендерот била најниската цена, а потоа договорите се менувале со анекс договори.
Во новиот закон се имплементираат забелешките на Европската комисија и на домашната стручна јавност во поглед на задолжителноста на електронските аукции. Слични забелешки може да се видат и во извештаите на Бирото за јавни набавки. Електронските аукции дадоа добри резултати во некои случаи, но во одредени постапки доведоа до зачестено незаконско договарање на понудувачите и пораст на цените во отсуство на вистинска конкуренција. Со новиот закон, електронските аукции остануваат, но опционално, конзистентно со европските правила и пракса.
За новиот закон во текот на утрешниот ден ќе биде организирана јавна дебата во Стопанската комора на Македонија, каде на стопанствениците ќе им бидат презентирани предлог-законските решенија и ќе се побараат нивните видувања за законот.