Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) не го поддржува предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање, затоа што смета дека тоа нема значително да придонесе кон зголемување на пензискиот фонд, како и дека негативно ќе влијае врз работниците, компаниите и економијата. Зголемувањето на придонесите за два отсто би можело да се прифати доколку постои консензус со организациите на работодавачите преку разгледување на краткорочните и долгорочните импликации од реформата.

– Македонија како земја која се наоѓа на последно место во Европа според „одржливиот квалитет на живот“, а како дел од индикаторите кои го определуваат квалитетот на живот се распространетоста на болестите, стапката на невработеност, очекуваниот животен век, состојбата на животната средина, не смее да дозволи работникот дополнително да се оптоварува и со зголемување на старосната граница за пензионирање. Напротив треба да се воведе бенифициран стаж за трудоинтензивните нископлатени работни места и да се воведе можност за предвремено пензионирање под други услови, се вели во соопштението од КСС.

Оттаму сметаат дека е потребно системски да се работи на унапредување на одржливоста на пензискиот систем и тоа преку повеќе политиким како што се зголемување на стапката на вработување преку активните мерки и тоа вработување на работни места надвор од најниско платените, преку намалување на обемот на неформалната економија со различните форми на стимулирање и поддршка на формализација на неформалните економски активности со што стапката на вработени наспроти пензионерите ќе се зголемува.

КСС исто така, смета дека зголемување на пензиите треба да има, во одржливи рамки бидејќи во минатото, а и денес дел од нив се социјални категории.

– Во Македонија повеќе од половина од пензионерите се приматели на минималната пензија, а само околу 5 отсто се приматели на пензија повисока од просечната плата. Стареењето на населението не треба да се гледа како главен проблем за одржливоста на пензискиот фонд, треба да се донесат стратегии за поттикнување и на третиот столб со цел зголемување на неговото влијание врз пензиските приходи, се вели во соопштението.

Согласно одредени анализи со отпочнување на исплатата на пензиите од вториот и третиот пензиски столб, првиот столб ќе биде растеретен и најодржлив, а во меѓувреме треба да се изнајде модул за одржливост на пензискиот фонд во следните 15 години преку најразлични одржливи мерки, а притоа да се води сметка тие да немаат влијание врз стопанството и економијата, а особено со мерки за намалување на невработеноста што секако е главниот параметар за одржливост.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2018 17:32