Македонија се движи по вистинскиот пат, заклучиле претставниците на Европската банка за обнова и развој на вчерашната средба со премиерот Заев, пишува во соопштението на Владата.

ЕБОР останува на ставот за поддршка на Коридорот 8, односно на делницата Крива Паланка до Република Бугарија, како и на реконструкцијата на патната инфраструктура во должина од 400 километри.

Премиерот Заев информирал за проектите, како што е поврзувањето на железничката делница Кичево- Глин во Република Албанија, со што Македонија се поврзува со пристаништето Драч.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев детално ги запознал претставниците на ЕБОР со разработените проекти за електрични централи со обновливи извори на енергии, како што се ветерниците и соларните електрични централи, гасификацијата и транспортната инфраструктура.

Делегацијата на ЕБОР искажала максимална подготвеност да се вклучи во поддршката на овие енергетски проекти, како и во поддршката на железничката инфраструктура на Коридорот 8 кон Албанија.

Од ЕБОР информираа дека банката наскоро ќе ја продолжи поволната кредитна линија за поддршка на конкурентноста на приватниот сектор со дополнителни 30 милиони евра, со што вкупната поддршка на Европската банка за обнова и развој во овој дел на подигање на капацитетите на македонските компании за приближување до ЕУ стандардите за поголема компетитивност на европскиот пазар, ќе достигне вкупно 36 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2018 13:56