Женскиот слалом го донесе првиот вистински шок во алпската програма на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг – Микаела Шифрин остана без медал во нејзината најсилна дисциплина.
Победничка на слаломот е Фрида Хансдотер од Шведска, која за пет стотинки ја надмина водечката од првото возење, Швајцарката Венди Холденер.
Австријката Катарина Галхубер со необично второ возење, во кое ги надмина сите противнички барем за седум стотинки, се искачи од деветтата на третата позиција и ја остави Американката без медал само за осум стотинки.
Шифрин, која го брани олимпиското злато, е трократна светска шампионка во низа и е на пат кон третиот кристален глобус во слаломот за последните шест години, имаше добра предност во однос на Галхубер и држеше контрола сè до завршницата на возењето, кога времето некако и избега. Со тоа беше срушен нејзиниот сон за петтото злато, почнат со победата во велеслаломот 24 часа подоцна.
Фрида Хансдотер, втората од првото возење, возеше извонредно и постигна второ време и во второто возење. Нејзината предност во однос на Галхубер беше голема, а кога Холденер не успеа да ја сочува предноста од две десеттинки од првото возење, јасно беше дека Ања Першон, која го освои златото во слаломот во Торино, конечно има наследничка.
Во второто возење испаднаа Кристина Гајгер (го дели 19-тото место во првото), и јунакињата од второто возење на велеслаломот Естел Алфон (16).
Најголемо разочарување на трката несомнено е Петра Влхова од Словачка, која по слабото прво возење и делбата на 11-тото место, успеа да изгуби уште две места.
Во првото возење на олимпискиот слалом во Пјонгчанг најбрза беше Швајцарката Венди Холденер. Таа патеката ја помина за 48 секунди и 89 стотинки.
Зад неа се пласираа две Швеѓанки, Фрида Хансдотер со 20 и Ана Свен Ларсон со заостанување од 40 стотинки.
Првата фаворитка на натпреварувањето Микаела Шифрин од САД се наоѓа на четвртото место, по 48 стотинки побавното возење од победничката. Светската шампионка, официјалната олимписка победничка и лидер во Светскиот куп, победи вчера во првото натпреварување на алпските скијачки – велеслаломот.
Петра Влхова од Словенија, второпласирана во овогодишниот Светски куп, целосно потфрли и сега го дели 11-тото место со Марина Валнер.
Токму како и во велеслаломот, девојката која прва излезе на патеката, прва го заврши првото возење. Колку добро возеше Холденер говори и тоа што осмопласираната Бернадет Шилд беше побавна точно за една секунда.
Големите проблеми со ветрот во Јонгпјонг направија големи проблеми со распоредот на алпските скијачи, па слаломот се вози само 21 час по завршувањето на велеслаломот, што претставува проблем за Шифрин, Хансдотер и другите скијачки коишто настапија вчера.
Токму како вчера, и денес има двојна програма, бидејќи меѓу двете слаломски трки, мажите ќе возат супервелеслалом.