Македонија ќе добие 500 илјади евра за обновливи извори на енергија. За да се намали увозот на електрична енергија треба да се инвестира во соларните електроцентрали, изјави денес Шарлот Рухе, директорка на Европската банка за обнова и развој за Централна и Југоисточна Европа. Од Европската банка за обнова и развој остануваат на ставот за поддршка на Коридорот 8, односно на делницата Крива Паланка до Република Бугарија, како и на реконструкцијата на патната инфраструктура во должина од 400 километри. Од ЕБОР информираа дека банката наскоро ќе ја продолжи поволната кредитна линија за поддршка на конкурентноста на приватниот сектор со дополнителни 30 милиони евра. Со ова вкупната поддршка на Европската банка за обнова и развој, во овој дел, ќе достигне вкупно 36 милиони евра.
„Со оглед на високата зависност на земјата од увоз на струја и релативниот висок удел на јагленот како извор за создавање на електрична енергија банката се обиде да помогне на земјата да ги прошири своите извори за создавање на електрична енергија“, истакна Рухе.