Клучни приоритети на Владата се унапредување на животниот стандард и приближување на државата кон Европската унија, истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на меѓународната конференција за монетарна политика и управување со финансиски средства во организација на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).
- Тоа ќе го постигнеме преку дисциплинирана и транспарентна фискална политика, отворање нови продуктивни работни места, реформи во судството и владеење на правото, унапредување на социјалната правда, поддршка на странските и домашните инвеститори, инвестирање во инфраструктурата и јавните услуги, како и интензивирање на процесите поврзани со евроатланските интеграции - нагласи Тевдовски.
Како што соопшти Министерството за финансии, Тевдовски посочи дека кон крајот на 2017 година расположливите податоци укажуваат на закрепнување на економијата од последиците од политичката криза-тренд кој, како што рече, се очекува да продолжи и годинава со раст од 3,2 отсто и понатамошно интензивирање на растот на среден рок.
Според него, извозот, растот на инвестициите од јавниот и приватниот сектор, како и приватната потрошувачка ќе бидат двигатели на растот на бруто-домашниот производ.
Тевдовски потенцира дека покрај интеграциите кон ЕУ и НАТО, од исклучително значење за развој на економијата е и регионалното поврзување. Од таа причина се работи на повеќе проекти од областа на подобрување на инфраструктурните врски, олеснување на трговијата, соработка околу регулативата, како и заеднички настап на земјите од регионот на трети пазари.
На конференцијата покрај министерот за финансии Тевдовски, учествуваа и министерот за финансии на Бугарија Владислав Горанов, вицегувернерот на Централната Европска банка Карло Монтичели, директор на Европската банка за обнова и развој за Југоисточна Европа Шарлот Руе, директорот за стратешки анализи за Југоисточна Европа во Европската инвестициска банка Дебора Револтела.