ВМРО-ДПМНЕ бара под итно да се повлече Националната годишна програма за култура за 2018-та година.
Денес ќе се задржиме само на најочигледните нерегуларности во делот на издавачката дејност и литературата. Нивната бројност е навистина скандалозен показател за тоа дека одобрените проекти се одобрени без никакви стручни и вредносни критериуми.
Дали буџетот на Министерството за култура се користи како колач за подмирување на партиските апетити, отплата на долговите кон шарените револуционери и блиските соработници на актуелното ракводство во Министерството за култура? Како и во сите други дејности и во издаваштвото некои автори се подржани со повеќе проекти. На пример, на авторот Ајфер Селими му се доделени дури четири проекти, во вкупна вредност од 490.000 денари. Комисијата за издавачка дејност и литература за шарениот револуционер Никола Гелевски, главен и одговорен уредник на интернет порталот „Окно“, за порталот одобрила 350.000 денари и, за истиот Никола Гелевски, главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Темплум“ одобрила 8 проекти и сума од 760.000 денари. И се би било во ред доколку 2 од овие 8 наслови: „Имагинарни животи“ од Марсел Швоб и „Морковче“ од Жил Ренар, поддржани со по 50.000 денари, Министерството за култура веќе еднаш не ги поддржало во 2008-та година.
Скандалозните одлуки на Комисијата за издаваштво и литература да се поддржат изданија и наслови кои веќе се поддржани и издадени во претходните годишни програми на Министерството за култура, не завршуваат со претходните два примера. Иако е книжевник, министерот Алаѓозовски не може и не мора да ги знае сите објавени наслови на сите издавачки куќи во Република Македонија. Но, да потпишеш Годишна програма за издаваштво и литература во која со 120.000 денари е поддржан насловот „Завивањето на волкот“ од Аг Аполон, книга која веќе еднаш е поддржана во програмата на Министерството за култура за 2015 и издадена од издавачката куќа „Готен“, чиј сопственик е Роберт Алаѓозовски, е скандал без преседан. Се поставува прашањето: Зошто комисијата не го почитувала декларираниот критериум дека нема да бидат поддржувани втори изданија и дали некој влијаел врз ваквата одлука на комисијата?
ВМРО-ДПМНЕ упатува јавно прашање до Претседателот на стручната комисија за издаваштво и литература, г-ѓата Оливера Ќорвезироска и до почитуваните членови на комисијата: Како течела стручната расправа на комисијата по однос на прашањето во кој книжевен жанр може да се сместат следниве три одобрени наслови: „Дијабетска нога - улцерозна превенција и ампутација“, одобрени 80.000 денари, „Тумори на мочниот меур“, одобрени 200.000 денари и „Наркоманијата, гениталните болести и проституцијата“ за која се одобрени 130.000 денари? Врз основа на кои критериуми и стручна експертиза ги вреднувале како уметничка книжевност? ВМРО-ДПМНЕ прашува: дали оној кој предложил, одобрил и потпишал Договор за издавање на овие наслови не сноси одговорност за злоупотреба на средства наменети за поддршка на културни, книжевни проекти? И дали со одобрувањето на овие 3 проекти комисијата во потполност не се делегитимирала самата, покажувајќи некомпетентност и нестручност, па дури и злоупотреба на нивните надлежности, одобрувајќи ги овие наслови?
Судирот на интереси не ја заобиколија ниту распределбата на средства во издавачката дејност. Членот на Комисијата за библиотечна дејност Енвер Беќири за книгата „Ефектите на интернетот кај младите“ од Комисијата за издаваштво и литература добил средства во висина од 100.000 денари.
Согласно декларираната флоскула на Министерството за култура „Култура за сите“, ВМРО-ДПМНЕ цени дека во Годишната програма непримерно, недолично, неправично и нерамномерно се распределени средствата и по однос на етничката припадност на авторите. Така, на авторите етнички Македонци одобрени им се 304 проекти или 57% од одобрените проекти, на етничките Албанци 213 проекти или 40% од одобрените проети, а сите останати застапени етнички заедници Срби, Бошњаци, Турци, Роми и останати, само 18 проекти или 3% од проектите.
Ваквата годишна програма на Министерството за култура не ги одразува реалните потреби ниту на граѓаните, ниту на културните работници и уметници во Република Македонија. Донесената програма, не само што не е развојна, не само што нема афирмативна функција за македонската култура и не само што не е во насока на промоција на културата во Република Македонија, туку донесената програма е објавена и против законски. Имено, јавно објавената Годишна програма на сајтот на Министерството за култура, www.kultura.gov.mk, со напомена од службите на министерството е НЕЛЕКТОРИРАНА. Ова директно се коси со Законот за употреба на македонскиот јазик според кој секоја јавна објава треба да се лекторира пред објавување. Почитуван г-дине Министер, доколку сметате дека ВМРО-ДПМНЕ намерно ве опструира со ова тврдење, ве замолуваме да ја консултирате Инспекциската служба која е во состав на Министерството кое го раководите и која има обврска да врши надзор, да се грижи и да го спроведува Законот за употреба на македонскиот јазик.
Согласно реакциите на сите засегнати страни од Годишната програма за култура и поради бројноста на нерегуларностите во истата, ВМРО-ДПМНЕ го повикува Министерот за култура да ја повлече Годишна програма. Со оглед на фактот дека со ваквата скандалозна годишна програма, во секој поглед се компромитирани сите заложби и политики на актуелниот министер, ВМРО-ДПМНЕ очекува Министерот за култура да понесе морална и политичка одговорност.