Претседателот на САД Доналд Трамп ја поддржа кандидатурата за Сенат на поранешниот републикански кандидат за Белата куќа, Мит Ромни.

Ромни, кој во 2012 година ги изгуби изборите на кои победи демократскиот кандидат Барак Обама, минатата недела објави дека ќе се обиде да го замени на функцијата републиканскиот сенатор од Јута Орин Хеч, кој заминува во пензија.

- Тој ќе биде одличен сенатор и достоен наследник на Орин Хеч и има целосна поддршка од мене, напиша синоќа Трамп на Твитер за кандидатурата на Ромни, на што поранешниот гувернер на Масачусетс реагираше брзо, прифаќајќи ја поддршката.

Медиумите забележуваат дека Трамп не бил секогаш позитивен кога е во прашање Ромни, па така, во 2016 година, тврдеше дека Републиканската партија четири години пред тоа можела да победи на претседателските избори доколку Ромни не се „задушувал како пес“ во борбата против Обама.

Ромни во текот на изборот на кандидат на републиканците за Белата куќа, остро го критикуваше Трамп нарекувајќи го „фолирант“, кој не е во состојба да владее со Вашингтон.

Ромни исто така го критикуваше Трамп за неговото вулгарно изразување за африканските држави и оцени дека тоа не е во согласност со американската историја и култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2018 17:42